Дипломска работа

Студентот ги завршува студиите на кои се запишал, со изработка и јавна одбрана на дипломска работа од областа на математиката. Дипломската работа претставува самостоен труд на студентот.  

ПОСТАПКА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ДИПЛОМСКА РАБОТА

  • Дипломската работа најрано може да се запише во осмиот семестар од соодветната учебна година. Тој предмет се запишува само еднаш и не се презапишува. Студентот може да ја пријави дипломската работа откако ќе освои најмалку 200 ЕКТС кредити.
  • Дипломската работа се пријавува до Одделението за студентски прашања преку Архивата на Факултетот на утврден образец, наречен Пријава за дипломска работа.
  • Студентот ја пополнува оваа пријава во договор со менторот. Менторот задолжително ја потпишува. На пријавата по менторот се потпишува и раководителот на Институтот за математика. Студентот ја доставува Пријавата во Архивата на Факултетот.
  • Пријавата за дипломска работа се заверува во Архивата во 1 примерок.
  • По заверката, пријавата ја одобрува Деканот на Факултетот и се доставува во Одделението за студентски прашања.

МЕНТОР

  • Ментор за дипломска работа може да биде само наставник кој е вработен на Факултетот и кој реализира предметна настава во рамките на студиската програма.
  • Менторот треба да е од соодветна област од која е предметот на дипломската работа.
  • Менторот е должен да ја следи работата на студентот, да му помага со совети и да го упати во литературата потребна за изработка на дипломската работа.
  • Студентот или менторот можат да поднесат образложено барање за промена на ментор на дипломската работа.
  • Барањето за промена на ментор го одобрува Раководителот на Институтот за математика.
  • Откако промената на ментор ќе биде одобрена, студентот поднесува нова пријава за дипломска работа. Притоа, може да продолжи да работи на истата, слична или изменета тема на дипломската работа.
  • Во текот на изработката на дипломската работа може да се направи измена на насловот со која ќе ја допрецизира избраната и одобрена тема за дипломската работа. Конечниот наслов се запишува во извештајот на Комисијата за одбрана на дипломската работа.

ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНКА НА ДИПЛОМСКАТА РАБОТА

Изработената дипломска работа се предава на менторот на разгледување.

  • Студентот е должен да постапи по упатствата и забелешките на менторот.
  • Менторот е должен да ја разгледа дипломската работа и да ја врати на студентот со коментар најдоцна во рок од 15 дена од денот на предавањето на дипломската работа.
  • Студентот може да ја достави изработената дипломска работа на оценување, откако ќе ги положи сите предвидени испити, ќе ги исполни сите услови утврдени во студиската програма и ќе ги регулира сите административни и финансиски обврски, за што доставува Барање за проверка на студентско досие до Одделението за студентски прашања. Барањето се подига од кај нив и е достапно на интернет страницата на Факултетот.
  • Одделението за студентски прашања е должно во рок од 5 работни дена од денот на поднесување на барањето да го прегледа досието и да го извести студентот за тоа дали студентското досие е комплетирано.
  • Одделението за студентски прашања, по комплетирањето на досието, издава Извештај од извршена проверка на студентско досие и му го дава на студентот.
  • Студентот го доставува архивираниот Извештај од проверка на студентското досие до менторот заедно со 3 примероци од дипломската работа (1 примерок за менторот, 2 - за членовите од Комисијата. Примерокот за библиотеката се доставува електронски, во PDF формат, на следната адреса matematika@pmf.ukim.mk).

ПОСТАПКА ЗА ОДБРАНА НА ДИПЛОМСКА РАБОТА

  • Менторот во договор со студентот, го определува денот на одбраната на дипломската работа.
  • Студентот доставува копија од првата страница на дипломската работа во Одделението за студентски прашања пред терминот за одбрана.
  • Одбраната на дипломската работа се врши пред комисија составена од 3 члена (наставници) од кои едниот е менторот.
  • Најмалку еден член во комисијата мора да е од Институтот каде се реализира предметната програма.
  • На денот на одбраната студентот носи индекс и пријава за испит заверена во Одделението.
  • Одбраната започнува со воведно излагање на менторот кој ги запознава присутните со темата на дипломската работа.
  • По излагањето на менторот, на кандидатот му се овозможува да ја изложи дипломската работа во времетраење од најмногу 20 минути.
  • Одбраната се состои од усно излагање на резултатите од работата и образложение за издвоените заклучоци, како и одговор на прашања на комисијата во врска со резултатите и заклучоците добиени со изработка дипломската работа.
  • Оценката се носи со мнозинство гласови на членовите на комисијата.

На денот на одбраната Комисијата за одбрана на дипломска работа внесува

  1. Оценка во индекс, во Пријава за испит и во iKnow системот
  2. Пополнува Извештај за одбранета дипломска работа (PDF) / Извештај за одбранета дипломска работа (Word) и го заверува во Архива и
  3. Доставува пополнета Пријава за испит во Одделението за студентски прашања.
  • На студентот кој добил оценка 5 за дипломската работа, може да му се издаде уверение за положени испити, со забелешка дека нема изработено дипломска работа. Тој има право да ја доработи истата дипломска работа или да поднесе пријава за нова дипломска работа.

© 2025. Институт за математика, ПМФ, УКИМ, Скопје.